Tumgik
bozinoskablog · 10 years
Text
:3
      „Се појави ти и знам, не си како сите други...“ Паметам дека тој стих одеше кога те здогледав за првпат. Никогаш не ѝ давам важност на музиката, повеќе на пијалакот во раката. Беше во црвено, со руса коса. Но, како да се споија и едното и другото, како музиката од тебе да излегуваше. Проклет да сум, да знаев како што знам денес, немаше да ти се приближам на таков начин, каков што бев навикнал: со насмевка, самоуверен, честам и кажувам иста реплика, кажана на веќе многу пред тебе. Проверена. Како в сон научена лекција. Чиниш пеев како петкаш песна за рецитирање. Бев сигурен дека веднаш ќе паднеш. 
0 notes
bozinoskablog · 10 years
Text
Кец по љубов
      Одев во училиште во кое имавме предмет по Среќа, по Добрина, слушавме Чесност, имав часови по Љубов. Не бев некоја бубалица, но сакав да се истакнувам во класот. Малку бев и горда, а токму тој предмет не го учевме. Сите ми беа петки. Освен по еден предмет. Имав кец по Љубов.       Учев заедно со мојот најдобар другар. Со него израснав. Беше многу културно и мило дете. Секој ден одевме пеш до училиштето. Се испрашувавме по сите предмети и секогаш имавме различни мислења. Можеби дека бевме момче и девојче, па поинаку ги гледавме работите.  Но, и покрај тоа, двајцата имавме позитивни оценки, затоа што во тоа училиште можеш и со различни одговори да имаш исто решение. И тој се полнеше со петки. Но, за разлика од мене, тој имаше петка по Љубов. Никогаш не знаев зошто.      Дојде завршната година. Дотогаш сите тестови ни беа писмено и никогаш не ги читавме на глас пред сите. Никогаш не си ги ни кажувавме одговорите меѓусебе. Професорите нѐ учеа дека секој си е одговорен само за своите постапки. Менувавме секојдневно мислења, но секогаш одговорите за оценка ни беа поинакви. Секој си пишуваше онака како што си мислеше во моментот. Некои одговараа со чувства, а некои беа ледени. На крајот од краиштата, сите требаше да дојдеме до исто решение: како да бидеме среќни, чесни, добри, сакачи и сакани. Со кои равенки, формули или други постапки ги решававме, никогаш и не беше битно - сите моравме на ваков или онаков начин да постанеме такви.       Дојде часот по Љубов. Мојот најнеомилен. Не дека не ја сакав љубовта, туку не сакав да бидам кецарка. Не сакав да губам. Најчесто по овој предмет имаа слаба оценка оние кои не знаеја ни по другите предмети. Јас бев чуден случај. Толку години учев и никако не научив. А, другар ми го мразев секогаш на тој час. Петкаш по Љубов, а јас понижена кецарка. Тој не се ни гордееше со постигнатото. Имаше секогаш најдобри резултати. А, не беше детето ништо посебно. Најобично машко суштество. Другар за почит. Никогаш фатално привлечен.     Професорката кажа и овојпат кој какви резултати имал на завршниот испит. Јас бев најдолу на листата. Другар ми повторно на врвот. Соопшти дека ќе се читаат само најдобриот и најлошиот тест на часот. Тоа бевме јас и него. Најдобри другари, а ривали во љубовта. Јас бев пример како не треба, а тој како треба. Рече дека мора прво да се чита моето напишано, па неговото, затоа што секогаш грешките најпрво се прават, па потоа се учи како да се поправи. Не ми беше јасно тој од чии грешки учеше, затоа што секогаш го правеше само најдоброто - според сите тестови.      Ми го подаде тестот и ми даде знак да почнам. Не бев горда повеќе кога се работеше за љубов. Кецот ми укажа дека секогаш грешам во неа. А, токму гордоста секогаш ја ставав кога требаше да одговорам како треба да љубам:      „Љубовта има правила. Доколку ти се допаѓа еден тип на момче, така ќе биде цел живот. Јас најмногу сакам црни. Не сакам да бидат доминатни. Сакам да бидам јас поглавната. Мислам дека така ќе можам да ја држам контролата врз врската. Претставувам горда девојка и таква ќе останам докрај. Љубоморна сум по природа и ми пречат останатите девојки. Доколку момчето не сака отпочеток врска со тебе, тогаш никогаш нема ни да сака, што значи со него е завршена работа. Кога ќе го сретнам вистинскиот, тогаш ќе знам да го сакам.“     Никој никако не изреагира на моето напишано. Јас сѐ уште сметав дека тоа беше правилно, затоа што бев девојка со цврст карактер, но со добри манири и со секогаш позитивен поглед кон животот. Никогаш не ги мразев луѓето, посакував среќа. бев најчесната. Но, љубовта ми беше слаба страна според оценката.    Таа не рече ништо. Не ме искара. Не беше ни таков методот на овој час, сакаше сами да ги согледаме грешките. Му даде знак на другар ми да го прочита неговиот финален испит. Повторно не беше горд на петката:       „Не сум знаел отсекогаш што значела љубовта. Можеби затоа што не сум ја гледал на таков начин. Сфатив дека искрено сакам на часовите по Среќа, по Добрина, по Чесност, по Другарство, но никогаш по Љубов. Таа знае да биде злобна, но јас секојдневно живеам за нејзината насмевка, среќен сум кога знам дека ја смеам. Животот ми е поубав кога ја гледам среќна, кога е покрај мене. Ја сакам и кога ми се лути. Таа ме почитува, секогаш ми помага. Можам со часови да ја гледам нејзината кадрава коса. Очите нејзини најубави ми го исполнуваат срцето. Можам и да ја гушнам без да мисли дека барам нешто повеќе од неа. Таа ме прави подобар човек. Никогаш не се ни трудев да учам по Љубов само за таа да има подобри резултати. Но, без да сака ме прави петкаш по тој предмет. Не сакам кога ми се лути дека јас умеам повеќе да љубам од неа, но јас не можам да ѝ кажам како треба да се сака... “      Го прекина со читање токму тука. Јас се препознав во текстот, бидејќи цело време ме сакал мене. Му се изнасмеав. Реков дека не заслужува да има петка по Љубов. Него го гледав само како другар и тој никогаш не ме освоил мене, јас никогаш не сум го сакала. Нему не му беше возвратена љубовта од мене. Резултатите не беа како што тој очекувал, така што не знам зошто немаше кец по Љубов. Кај мене падна на испитот, не му се исполни љубовта.       Оттогаш не го видов. Но, се сеќавав секојдневно на него. Имав многу пропаднати љубови. Со текот на времето видов дека никој не беше како мојот најдобар другар. Никој не знаеше да ме насмее како него, да ме ислуша, да ме прегрне, да ме утеши. Да биде како господин кон својата дама. Сфатив дека и јас сум го љубела. Но, сум пораснала, сум созреала и сум ја сфатила љубовта. Што знаев тогаш? Имав кец по Љубов.        Го сретнав. Случајно, на улица. Никогаш не сум сакала руси момчиња, но тој беше мојот рус принц, најубав. Ме прегрна најсилно. Сѐ уште ме сакаше.         -Што пишуваше на крајот од твојот тест? - го прашав        Тој беше подготвен. Секогаш го носел листот со себе. Знаел дека еден ден ќе сакам објаснување. Рече да си прочитам сама и дека сега ќе го сфатам тоа што сакал да ми каже.         „... Јас можам само да ѝ покажам како се љуби, затоа што јас ја сакам безусловно. Никогаш нема да ја натерам да ме сака и да ја брзам. Ќе бидам покрај неа и ќе ја чувам и тогаш кога нема да ме гледа. Ќе ја чекам, затоа што ја познавам и знам колку добар човек е, знам колку вреди да сме заедно. Мали сме сѐ уште, кога ќе порасне ќе сфати. Верувам дека од другарството секогаш ќе се роди најубава љубов затоа што знам дека секогаш ќе ме разбира, поддржува и грижи. Знам дека никогаш не е доцна да ѝ помогнам да го поправи нејзиниот кец по Љубов.“                  Тогаш дознав зошто секогаш имаше петка по Љубов.         Љубел искрено, без никакви правила, од срце.         Тогаш и јас конечно ја добив мојата посакувана оценка.         Научив како.
0 notes