Tumgik
jas-sum-mia · 5 years
Text
2.
Како е можно? КАКО Е МОЖНО?
Не можев ни да сонувам дека ќе ми пише. Па уште откако видов слики со девојка. Па уште откако решив дека никогаш во животот нема да фатам дечко.
А сега така зјапав во телефонот, кој уште светеше од новата нотификација, правоаголна, со неговото име и зборчето:
Здраво :)
Што сака? Што да му пишам? Ако ја отворам, ќе има seen. 
КАКО ДА ИЗДРЖАМ ДА НЕ ЈА ОТВОРАМ?!
Можеби сфатил дека ме сака мене… 
Оф, мори мајко, Миа, баш си глупава. Како тоа сфатил? Кога? 
И зошто му текна баш сега кога има девојка?
Седнав на креветот и внимателно го отклучив телефонот. 
Да отворам или да не отворам?
Ух.
Ќе отворам.
Се појави белата позадина и неговата порака.
здраво :)
Tumblr media
Па, здраво Стефан, си помислив возбудено. Уште не се осмелував да одговорам. Прво дишев длабоко и уште се собирав дека воопшто ми пишал. Второ, умирав од желба однапред да знам што сака, но бидејќи мајка ми и татко ми не ме родиле со телепатски способности, едноставно ќе морав да дознаам на потешкиот начин.
Да одговорам на пораката.
И токму кога сакав да почнам да пишувам, ете ти го пак.
?
Tumblr media
Ми пиша прашалник.
ЗОШТО МИ ВРШИ ПРИТИСОК.
Смири се, Миа, никој не ти врши притисок. Диши длабоко. Ди-ши.
Здраво, му пишав и јас.
Хипервентилација.
Како си?
Еве полудувам!
Добра. Ти како си?
пишува…
Еве, учам биологија.
А да. Утредента сите требаше да правиме тест биологија. Професорката е супер и дава список од прашања што треба да се научат и после некои од тие се паѓаат на тест.
И сега што? Што да одговорам на тоа?
Па, многу рано :) :)
Глупости, Миа, глу-пос-ти.
Е, тоа е. емоџи што плаче од смеење. емоџи што се држи за глава.
Леле, леле каков длабок муабет правиме, просто да ни завидува Едгар Алан По. Кога сме кај По, имав домашно за „Гарванот.” Заборавив да го напишам. Утре на одмор ќе го напишам.
Еве го пак пишува. 
ЌЕ МИ ИЗЛЕЗЕ СРЦЕТО НИЗ ГРЛО!
А бе, таа сликата што ти е со црвената маица, со Мики Маус…
Леле. Леле. Ми ги гледал сликите од пред неколку месеци.
…кај си сликана?
Ама има девојка, кај ми лета паметот?!
Во Амстердам, му пишав. Чичко ми живее во Амстердам и бевме за Нова година.
пишува…
Еј, јако.
И сега си ќутиме. Јас глупава не знам што да кажам, а веројатно ни тој не знае што да каже. Може навистина му се допаѓам? Може не знае како да ми каже? А девојка му?
Немам време сега да ми биде жал за девојка му.
МИ ПИШУВА Стефан! ЗНАЧИ ВАКА БИЛО ЧУВСТВОТО!
пишува…
Да те прашам нешто…
Сака да ме праша нешто. Штооооо.
Дали сум слободна утре да пиеме кафе?
Дали го сакам? (ДА!)
Дали ми се допаѓа? (НАЈ ДА!)
Дали мислам дека е совршениот, најубавиот, најслаткиот…
Ги имаш прашањата за тестот биологија?
Пак се треснав на кревет.
Значи за тоа ми пишал. Ни му се свиѓам. Ни ме сака. Ни сака онака да си правиме муабет. Само беше фин, како вовед, за да ме праша дали ги имам прашањата биологија.
ТРЕБАШЕ ДА МИ ТЕКНЕ.
Никогаш веќе не се заљубувам. Мразам машки. Го мразам и него.
Збес.
А сепак, морав да се приберам. Не смеам да покажам дека сум збесната и сакам да го изгризам од бес. Морам да се однесувам како да не сум испланирала цела заедничка иднина, додека го гледав неговото typing.
Само кратко му пишав: да.
Еј супер, пиша тој. Ќе ми ги пратиш на мејл?
Да.
Еј, Миа фала. Закон си :)
Ќе ти кажам јас тебе закон.
:)
Tumblr media
И ми го пиша мејлот.
И му ги пратив. 
И никогаш ништо нема да му прозборам. Да бе, ќе се нервирам за еден мочко. Што не го ни интересирам. Што немаше ни да ми пише, да не му требаа прашањата. Па баш од мене ли најде? Што не си ги побара од девојка му?
„А не ти текна,” ме замисли Сара наредниот ден во школо, „дека баш од тебе ги побарал затоа што има тука нешто?”
„Што може да има бе, Сара?” негодував јас.
„Па, можел да ги побара од другар. Можел од Мартина еве, најдобра другарка му е, а сигурно ги има. А?” Ги измрда Сара победнички веѓите.
Сара само ме малтретира. Таман одлучив дека нема да ме интересира Стефан. Таман решив дека ќе посветам време на себе и нема да се замарам со никого. И сега Сара пак ме враќа во таа збунета, глупава состојба.
„Да ти кажам, Сара, баш ми е гајле,” реков, бутајќи го последното парче чоколадо во уста. „Доста ми го спомнуваш.”
Заврши големиот одмор и влеговме внатре во школото. Требаше да имаме баш биологија и да правиме тест. Се испрашувавме во ходник и ја чекавме професорката. Кога дојде, седнавме, ни ги подели тестовите и кога го видов првото прашање, знаев дека нема да имам никаков проблем. Почнав да одговарам и смирено пишував додека не се слушна тропање на вратата од училната.
Не смеам да изгубам концентрација.
„Професорке, извинете што ве прекинувам, мислам дека си го заборавив дуксерот, може да проверам?” рече еден познат глас, додека јас бев задлабочена во листот пред мене.
Срцето ми отиде во петици. Зошто секогаш кога ќе се појави тој што ти се свиѓа мора така да ти се сечат нозе и да ти се блокира мозокот?
Бавно ја кренав главата и со поглед го следев како оди кон третата клупа во средната редица и вади дуксер од под клупа. Убавиот, црвен со дуксер во кој беше нај, нај, најубав.
Ме забележа дека го гледам и ми се насмевна најмило на свет, и толку беше убав, што мислам дека се заковав за столчето. Се надевам дека фацата не ми била ужасно глупава. Се упати кон вратата и пред да ја затвори, се сврте, уште еднаш ме погледна, ги крена палците и ми шепна: „СО СРЕЌА!”
И ја затвори врата.
Конечно го испуштив воздухот што го насобрав, заборавајќи да дишам.
КАКО СЕГА ДА ГО ДОРЕШАМ ТЕСТОТ?!?!?!!?!!?!?
0 notes
jas-sum-mia · 5 years
Text
1.
Стефан има девојка. 
МОЈОТ Стефан, што го ѕиркам веќе една година по ходници во школо, што ги терам другарките да ми кажуваат дали гледа во мене додека сум му свртена со грб, што еднаш едвај му кажав едно тивко ‘здраво’ и избегав, Стефан што замислував дека некогаш ќе ми го најде некако бројот и ќе ми пише порака, дека ќе ме викне да се видиме и дека ќе се фатиме и ќе бидеме засекогаш, ама НАЈЗАСЕКОГАШ заедно…
Има девојка.
Лежев на кревет и гледав во таван.
Многу сум глупава.
Прво си помислив, требаше некако да му кажам дека ми се свиѓа!
Да бе, да му кажам. И да ми рече „добро” и само да си отиде и да умрам од срам.
Ама како може да има девојка? 
Нели е свесен дека јас треба да му бидам?
Со раката го напипав телефонот што претходно немоќно го фрлив некаде на перница за пак да одам да го манијачам на Инстаграм. Малку ми беше шокот од прееска, кога видов слика од него, гушнат со некоја девојка што не и се гледа лицето (мора да е грда), со планета-емоџи, и катанец со клуч-емоџи до него, што значи дека СЕ ЗАЕДНО, и дека толку од мене, јас завршив со животот. Никогаш нема да најдам некој што толку ќе го сакам, никогаш.
Полека, со страв отворив Инстаграм. Уште еден шок - тајмлајнот на Стефан веќе не е истиот од пред 15 минути затоа што има нова слика. Пак со девојката.
Овој пат се гледа.
И УБАВА Е! 😡😡😡
Ништо, ќе продолжам да си гледам во таван. Не излегувам, не јадам, не пијам и не одам во школо.
„Мамо не одам веќе во школо,” подвикнав, откако слушнав дека мајка ми поминува покрај мојата соба.
„Како, како?” подзастана мајка ми.
„Не одам веќе ни во школо ни никаде.”
„Ма немој.”
„Да.”
„А што се случило, што реши да останеш без образование, и колку овци да ти купам?” ми се обрати мајка ми, глумејќи сериозност.
„Мамо, не е смешно воопшто.”
„Не е,” се согласи мајка ми. „Уште понесмешно ќе биде кога ќе одам во затвор затоа што ќерка ми не оди во школо, а задолжително е.”
„Мамо, Стефан има девојка,” се исправив со солзи во очите.
„Ооо, мама. Па, што ако,” рече мајка ми, седнувајќи на креветот. Во тој момент помина татко ми.
„Што било?” подвикна, веќе симнувајќи се по скалите.
„Стефан имал девојка,” му дофрли мајка ми.
„Срам да му е,” одговори татко ми. 
Татко ми никогаш ништо не сфаќа сериозно.
Јас веќе плачев.
„Јас знам дека е ова многу страшно,” ме погали мајка ми по глава. „Ама јас и татко ти не планираме да одиме во затвор, а ти овци не знаеш да чуваш, така што, во школо мора.”
„Ама вас ви е ова смешно!” викав јас.
„Не е страшно, мила,” рече мајка ми и стана. „И тебе ќе ти биде смешно.”
Како не е страшно?! И како планираше мајка ми ова да ми стане некогаш смешно? Како може да биде смешно?!
Знае ли она што е планета-емоџи?
ЗНАЕ ЛИ?!
„Никогаш никој нема вака да сакам,” реков и се свртев кон ѕидот.
„Јас ти гарантирам дека ќе сакаш и повеќе,” рече мајка ми, станувајќи. „Па, веројатно не заврши со љубовта на 15 години?”
„За еден месец полнам 16,” негодував во перницата. „И да, може ќе имам јас некој дечко понатаму. Ама нема да го сакам вака.”
Татко ми се изнасмеа од долниот спрат.
„Не му се смеј на детето,” му викна мајка ми строго. „Знаеш што,” ми се обрати мене, „ајде малку поседи сама и одмори се, знам дека ти е тешко. И после ќе те носам на топло-ладно.”
„Не сакам топло-ладно, сакам Стефан-Стефан.”
„Тоа не можам да ти купам, можам да ти купам топло-ладно. Или уште подобро, јави и се на Сара и одете вие две. Може?”
Мајка ми веќе отиде, а мене ми текна дека морам да и се јавам на Сара. Сигурно видела. Мора да видела. Набрзинка ја најдов во последните повици.
„Виде ли!!!!” викнав во слушалката откако и го слушнав гласот.
„Видов, не се нервирај,” побрза Сара, која инаку е секогаш поразумна од мене.
Tumblr media
„Поубава е од мене,” реков, а очите ми се наполнија со солзи.
„Кој, ТАА? КАКО ДА НЕ!” викна Сара строго, не ��озволувајќи некоја таму нова девојка да биде поубава од нејзината најдобра другарка. „Види колкав нос има.”
Девојчето имаше нормален нос. 
„Сара, доста.”
„Види каква уста има тенка, глупава.”
Девојчето имаше баш убава уста. На Сара не и успева тешењето.
„Не одам веќе никаде и ништо не правам,” ја повторив јас мојата нова животна одлука.
„Сега веднаш ќе дојдам кај тебе, ќе се облечеш и ќе одиме на кафе.”
„Не излегувам ваква никаква!”
„Ќе се нашминкаш и ќе излезеш.”
„А ако ги сретнеме?”
„Ќе бидеш дотерана, средена и најубава и ќе му биде криво што не му текнало порано да ти пријде!”
На Сара полека и успева тешењето.
„Добро,” се согласив полека.
Два часа подоцна седевме во Кашмир на кафе и не плачев, ама активно се жалев и самосожалував.
„Ама што ти е гајле,” се трудеше Сара. „Сега можеш да си најдеш нов симпатија.”
„Не сакам никаков нов,” реков јас. „И не знам што чекав толку, барем да му пишев. Ете сега ќе си се ожени со таа Тијана и ќе си живеат среќно засекогаш.”
„Па нека се ожени,” одмавна Сара. 
Стефан инаку има 16 години и нема сигурно веднаш да се ожени, ама јас веќе бев избезумена. „Што ќе ти го. Сега барем знаеш дека ете, зафатен е, и ќе ти се засвиѓа нов.”
„Сакам сега вака да се појави тука, во кафичов,” почнав да фантазирам јас, „сам и да дојде да седне до нас. И да ни рече „а бе зафрканција беше тоа, немам девојка.”
Забегав.
„Ај уште еднаш покажи ми ја,” рече Сара.
Со брзина на светината го отклучив телефонот и отворив Инстаграм. Му го напишав името во search и одма ми излезе неговата убава слика. Од таму, пак кај него на профил.
ИМАШЕ НОВА СЛИКА! 
„Види, види, има нова!” возбудено се доближив до Сара со телефонот.
„Да видам,” рече Сара. „Сам е на сликата. Може раскинал?” ги крена веѓите.
„Како да не, раскинал,” разочарано реков јас. „Сигурно таа го сликала.” И забележувајќи го зеленото крукче до неговата слика реков, „Онлајн е!”
„Пиши му ‘ај раскини со таа и фати се со мене!’”
„Доста бе, Сара.”
„Ај види каде е сликан?”
За тоа морав да зумирам, да видам што има во позадина. А ми бегаше цело време сликата. 
Зум.
Зум.
Срце.
Трепна срце преку сликата.
ЈА ЛАЈКНАВ?!?!?!?!?!?!?!
НЕ!!!
„НЕ!”
„Ја лајкна сликата?!” се изнасмеа Сара. „Брзо, одлајкни!”
„Не можам, онлајн е, ќе види!” очајував јас.
„А бе, може нема видено.”
„Не, не знам што да праваааам.”
Срцето ми чукаше како лудо. Никогаш во животот ништо не сум му лајкнала, не го ни следам, среќа што му е отворен профилот, и сега после две слики со девојка му, јас му ја лајкнувам таа каде што е сам? Додека е онлајн?!
Убаво си реков, ништо не правам, никаде не одам. И телефонот ќе го фрлам.
„Ништо де,” се обидуваше да ме расположи Сара. „Ајде да не зборуваме веќе за тоа, и да се прошетаме.”
„Сигурно ќе направам уште некоја глупост,” реков јас, и го залепив челото на маса.
„Нема, нема,” се смешкаше Сара.
И навистина, се прошетавме низ парк, јадевме сладолед и зборувавме за кога бевме второ одделение и двете паднавме во кал на лулашки. Се смеевме како луди, и дома си дојдов порасположена. Само кажав ‘здраво’ и побрзав во мојата соба за да не морам да трпам да ме зезаат дома.
Телефонот го оставив на бирото и тргнав да си облекувам пижами. Отидов до бањата да мијам заби и додека ги правев истите досадни движења со четката, слушнав дека ми стигна нотификација од Инстаграм. 
Веројатно Сара ме тагнува во коментар на нешто глупаво.
Со четката во рака се вратив до соба, да видам што сака.
Не беше таг во коментар.
Беше приватна порака на Инстаграм.
Од Стефан.
Мојот Стефан.
Стефан што има девојка.
‘Здраво :)’
Tumblr media
0 notes